Индија е една од најнесреќните земји во светот. Учениците во училиштата се под притисок, а и стапката на самоубиства е висока. Училиштата во мултимилионскиот Делхи сега се обидуваат да се спротивстават на тоа со таканаречените „часови на среќа”.

Во сабота во раните утрински часови инаку бучната училница во училиштето „Каутиља Сарводаја Бил Виџалаја“ во јужен Делхи – е морничаво тивка. Десетина ученици седат исправено на нивните столчиња, со затворени очи и раце на колена. Единствениот звук е зуењето на вентилаторот.

Учебници нема на повидок. На таблата пишува „час на среќа” со големо смајли до него. „Ослободете се од сета напнатост,, фокусирајте се на дишењето. Замислете дека правите нешто што навистина ве прави среќни“, вели учителката Акилеш Чоухан.

Во соседната училница, наставникот Мухамед Кан ги води учениците низ „вежбата на благодарност”. Тој ги замоли учениците, еден по еден, длабоко да размислат за што се чувствуваат благодарни денеска.

– Мама ми зготви ручек со мојот омилен зеленчук – рече Анкита, 11 години.

– Јас сум и благодарен. Татко ми ме одведе во паркот за да играме крикет. Благодарен сум што тој минува време со мене, иако мора да работи секој ден – вели ученикот Варун.

Се разгоре разговор меѓу учениците за тоа како им се благодарни на чистачите и чуварите кои го чуваат училиштето чисто.

„Часот на среќа“ од 45 минути е осмислен за да им помогне на учениците да се релаксираат, да се свртат на позитивните работи во текот на денот и подобро да се соочат со нивните животи. Нема учебници, контролни или домашна работа, што значи радикално поместување на акцентот од перформансите на учениците на нивната добробит.

„Дали обликуваме добри човечки суштества?”

На иницијативата на Владата на Делхи, часовите на среќа ги покрена Далај Лама, кој живее во егзил во Индија. Часови се воведени во 1.000 државни училишта во индискиот главен град и се состојат од вежби за медитација, инспиративни приказни и активности. Околу 50.000 наставници се обучени, а речиси еден милион деца ги посетуваат тие часови.

Тоа е револуционерен експеримент во земја позната по строгиот образовен систем кој врши интензивен притисок врз учениците да постигнат високи оценки и поттикнува „бубање”. Многумина го обвинуваат стресот, вознемиреноста и голема конкуренција кога се запишуваат во престижни училишта за високата стапка на самоубиства кај учениците.

– Ние образуваме лекари, инженери и сметководители кои се амбициозни и конкурентни“, рекол С. В. Верма, вели директорот на училиштето „Каутиља Сарводаја Бил Виџалаја”. „Но, размислуваме ли за тоа дали обликуваме пристојни, добри и љубезни човечки суштества?”

Ова прашање ги натера воспитувачите кои работат во градската Влада на мултимилионскиот Делхи да ги преуредат градските државни училишта, кои, како и во други делови на земјата, со години страдаат од инфраструктура во распаѓање, лошо образование и запоставување.

Во последниве години, владата предводена од „Партијата на обичните луѓе” (ААМ Адми) ги зголеми средствата за образование, кои сега изнесуваат 26 отсто од вкупниот буџет за Делхи за 2018 година.  Експертите наметнаа многу нови идеи како што се посебни часови за децата кои заостануваат во материјалот, подобрување на институциите и поттикнување за родителите да бидат вклучени во управувањето со училиштето. Часовите на среќа се дел од таа трансформација.

Don’t worry, be happy

– Ова е сеопфатно социјално и емоционално образование за децата. Целта е едноставна, да имаме посреќни и поприспособени ученици, но и учители – вели Атиши  Марлена, поранешен советник на владата во Њу Делхи и движечка сила која зад реформите во образованието во градот.

Индија е рангирана дури на 133. место од 155 земји во Извештајот на ОН за светска среќа за 2018. Експериментот во Делхи е инспириран од соседен Бутан. Во раните седумдесетти години, малата хималајска земја воспостави индекс на „бруто национално задоволство” за да го измери својот развој – наместо нашироко користениот индикатор за БДП.

Бутан во курикулумот ја воведе „среќата” во 2009 година. Оттогаш, најмалку 12 земји, вклучувајќи ги Перу и Мексико, експериментираа со слични часови во училиштата.

Во Њу Делхи, овие часови имаат дополнително значење. Повеќето деца во држабните училишта доаѓаат од сиромашна средина. Тие често се борат со разводи, насилство или алкохолизам во семејството. „Речиси половина од децата во државните училишта се ученици од прва генерација”, вели Марлена. „Тие честопати се соочуваат со толку многу стрес дома, што учењето е предизвик”.

Измина само еден месец од воведувањето на „часови на среќа”. А некои велат дека веќе може да се види промената. „Веќе мислам дека многу студенти покажуваат поголем интерес”, вели наставникот на Акилеш за Дојче веле. „Многумина сега редовно доаѓаат на училиште и повеќе учествуваат”.

Мотивациски пораки се напишани на ѕидовите на училиштето, вклучувајќи и од Далај Лама. „На часовите на среќа научив дека морам повеќе да верувам во себе и да уживам во училиштето”, вели ученичката од седмо одделение Прита. „Не треба секогаш да се грижам за мојата домашна задача”.

Директор С.С. Верма вели дека ова е само почеток и ќе биде потребно време пред да се утврди ефектот на „часовите на среќа”.

– Навистина би сакал овие часови да постоеја и за време на моето образование. За мене најважно е учениците да имаат насмевка на лицето – вели директорот.

 

Дојле веле- Бон/МИА