Образовните системи традиционално се сметаат за троми и тешко подложни на промени, но примерот на Шестото основно училиште во хрватскиот град Вараждин покажува дека со добри подготовки и големи промени, сепак, се можни.

Ова училиште со 800 ученици и 60-тина наставници од оваа учебна година, е единствената хрватска осмолетка, која го напушта концептот поделба на училишната година на две полугодија. Наместо тоа, воведува четири образовни периоди, а после секој од нив следува одмор за учениците.

Додека учениците во Хрватска традиционално одмораат во текот на пролетните и зимските празници, за учениците од вараждинската осмолетка, во новата учебна година се воведува и есенски распуст, како и краток одмор во втората половина на март.

Покрај повеќето други промени во наставата за учениците од ова училиште, со цел да им се олесни учењето и да стане поефикасно, новост се и предвидените одмори. Така, според распоредот на училиштето е предвидено: есенски распуст од 27 октомври до 2 ноември, зимски распуст од 24 декември до 11 јануари, краток одмор по третиот блок настава од 22 до 25 март, пролетен распуст од 18 до 26 април и летниот распуст од 17 јуни до 1 септември.

За да го напушти стариот концепт од две полугодија, училиштето морало да побара одобрение од Министерството за образование. Со оглед на тоа дека станува збор за едно од 74 училишта кои од есенва почнуваат експериментална фаза на реформа, ја искористиле таа можност. И испаднало дека се единствено училиште кое таа можност ја искористило.