Основно училиште во Кушадаси, во турската област Ајдин, доби необичен „ученик“ – мачката Памук, која учениците ја нашле на улица и на која одлучиле да ѝ помогнат. Учениците мачката ја нашле во школскиот двор и помош побарале од наставничката Чигдем Угур Демир, која се обратила до управата на училиштето.
Откако е дозволен престој на мачката во училиштето, животното е одведено во ветеринарна станица за да биде вакцинирано, јави Анадолија.
За мачката, која со текот на времето почнала да влегува во училницата, во потполност се задолжени децата.
Во текот на часот, мачката повремено се качува на клупите, или спие во аголот од училницата. Сепак, најмногу ужива во играта со децата во текот на одморите меѓу часовите.
Наставничката Демир изјави дека мачката Памук станала популарна и сакана, и дека децата веднаш ја бараат штом ќе забележат дека ја нема.