Американската администрација го снижи статусот на дипломатите од Европската унија во Вашингтон, а за тоа не го известила Брисел, изјавија денеска европски претставници.
Промена во протоколот значи дека ќе биде помалку веројатно дипломати на ЕУ во Вашингтон да бидат повикани на настани од висок профил и дека ќе бидат на пониско ниво отколку во време на поранешнито претседател Барак Обама.
Европскиот амбасадор на погребот на поранешниот американски претседател Џорџ Буш на 5 декември меѓу последните бил повикан да му оддаде последна почит.
Портпарол на Европската комисија потврди дека американскиот протокол неодамна го променил редот на првенство на дипломатската листа без да даде детали.
– Сега разговараме со надлежните служби во администрацијата за можни импликации за европското претставништво во Вашингтон, изјави таа.
Двајца други европски дипломати потврдија снижен статус, а еден укажал дека нема ЕУ да одговори со иста мерка. Американски дипломати во Брисел не беа достапни за коментар.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во говор во Брисел во декември дека Трамп со своето начело Америка на прво место, сака да го преобликува повоениот меѓународен поредок.