УЕФА и ФИФА ги суспендираа тимовите од Русија и репрезентациите на оваа земја од натпреварувањета.
Тоа значи дека Спартак Москва ќе биде исфрлен од Лига Европа, додека Русија нема да може да настапи во баражот за пласман на Мундијалот во Катар и нема да игра ниту во Лигата на нации, доколку во меѓувреме не се промени нешто.
„ФИФА и УЕФА заеднички решија да ги суспендираат руските тимови, националните и клупските, од сите натпреварувања. Фудбалот ќе остане обединет и тука владее целосна солидарност кон луѓето во Украина“, соопштија од организациите.
Истото се случи во кошарката. Раководството на кошаркарската Евролига ги суспендираше руските клубови од учество на турнири под покровителство на организацијата.
Во соопштението на Евролига се вели и дека во случај на „неповолен развој на ситуацијата“, резултатите од сите натпревари во кои учествуваат руски тимови ќе бидат поништени.
Така од учество во Евролигата се исклучени ЦСКА Москва, Зенит од Санкт Петербург и УНИКС Казан. Локомотив-Кубан од Краснодар е суспендиран од учество во Еврокупот.