Најмалку 10 лица загинаа, а постојат стравувања за многу повеќе, откако вчера оган зафати цистерна со гориво во југозападна Уганда, соопшти полицијата, пренесе ДПА.

Несреќата се случила околу 16 часот по локално време во селото Киамбура, на североисточната страна на Националниот парк „Кралица Елизабета“, на околу 300 километри западно од главниот град Кампала, соопшти угандската полиција.

„Камион цистерна со гориво изгубил контрола и удрил во две такси возила, а потоа во салон за автомобили и експлодирал,  при што веднаш загинале неколку лица“, се наведува во соопштението на полицијата, пренесено од германската агенција .

Властите соопштија дека девет изгорени тела биле извлечени од местото на експлозијата, додека уште едно се уште е заробено под остатоците.

Претходно, полицискиот портпарол, Маријал Тумусиме, за ДПА  изјави дека такси возилата превезувале најмалку 20 лица.

Полицијата, исто така, соопшти дека уште 10 лица загинале, а четворица се сериозно повредени во друга сообраќајна несреќа во источна Уганда.

„Овие два засебни, но трагични инциденти, бараат дополнителни мерки од страна на сите засегнати страни во зајакнување на нашите кампањи за безбедност на патиштата, построгите казни да послужат како превенција“, соопшти полицијата.

„Ова е затоа што повеќето од сообраќајните несреќи на нашите патишта првенствено се случуваат како резултат на лоши одлуки на возачите“.