Економскиот советник на Белата куќа, Лери Кудлоу, денеска потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп „сака да го разгледа купувањето на Гренланд“, иако од овој остров, што е во составот на Кралството Данска, порачаа дека не се на продажба.

Кудлоу за „Фокс њуз сандеј“ кажа дека не сака да предвидува што може да се случи, но изјави дека Гренланд, што се наоѓа меѓу Атланскиот и Северниот Леден океан, „е стратешко место со многу вредни минерали“.

Откако „Вол стрит џорнал“ пред извесно време објави дека Трамп е заинтересиран за купување на Гренланд од Кралството Данска, шефицата на дипломатијата на Гренланд порача дека тој остров не е на продажба.