УХМР со проект вреден 500.000 евра ќе ги обновува метеоролошките и хидролошките станици во полошкиот регион. Целта на проектот, поддржан од УНДП, е мерниот систем да се реактивира и надгради зашто е предупредувачки и клучен за рана најава на поплави.

По овој повод денеска Управата за хидрометоролошки работи и Програмата за развој на Обединетите нации потпишаа Меморандум за соработка.

-Искуството во нашата земја од поплавата во август 2015 година што се случи во полошкиот регион, покажува дека во случај на поинтензивни врнежи за многу брз временски интервал се развиваат овие последици и доживотно загрозувачки состојби. Затоа, сеопфатниот мониторинг на метеоролошкиот и хидролошкиот развој треба да е поврзан со предупредувачки систем што ќе даде навремени информации кои ќе бидат во насока на заштита на имотот на населението и производството, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој присуствуваше на потпишувањето.

Проектот „Подобрување на отпорноста од поплави во полошкиот регион“ ќе овозможи навремено и точно информирање на граѓаните и земјоделците за навреме да преземат мерки или да реагираат за да ги ублажат евентуалните загуби врз производството.

-За намалување на ефектите од поплави и други временски неприлики заедно со УХМР изминатиов период активно работевме на подобрување на метеоролошкиот систем во државата. Во 2018 година се реновирани три меторолошки станици во Демир Капија, Крива Паланка и во Штип. Дополнително минатата година заврши надградба на радарскиот систем Ѓуриште кој не беше ставен во функција повеќе години, со што се овозможува квалитетен радарски мониторинг и навремено најавување на опасни временски појави, потсети министерот.

Годинава МЗШВ обезбеди три милиони денари за реновирање на метеоролошките станици во Виница, Берово, Пожаране, Лазарополе, Охрид и Претор.