Студениот бран што ја зафати земјава со утрински температури под нулата, нема да се одрази негативно врз земјоделството. Можни се евентуални штети во овоштарството, но мали, кои ќе се манифестираат со проретчување на плодот.
Како што вели за МИА агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР, проретчувања нема да има секаде, туку само кај некои овоштарници и тоа зависно од експозоицијата. Во одредени региони, пак, како Беровско и Делчевско, вегетацијата доцни седум до 12 дена, поради што не се очекуваат никакви оштетувања.
Кај останатите култури нема да има никакви проблеми, ниту кај житата, ниту во градинарството, ниту кај виновата лоза кај која сега се јавуваат окцата.
-Пониски ќе бидат темепратурите во Берово и Маврово, а во Скопје и Повардарието нема да се спуштат. И ако бидат мунис еден тоа е во границите на дозоволеното. Коскестите овошки веќе имаат плод. Некаде, како во Градско, кајсиите се со големина на лешник. Во таква фаза овошните култури издржуваат температури од -1 и -2 степени, објаснува Ангелески.
Според него, од првите мразови штети ќе има сигурно, но од овие не.
-На овоштарник со северна или североисточна експозиција крајните дрвца можеби се повеќе на удар, а централните и внатрешните или оние на јужна и југозападна експозиција не. Граѓаните од урбаните средини да не се грижат, зашто микроклимата и температурата во дворовите температурите се сигурно позитивни, додава агрометеорологот.
Од денеска, нагласува Ангелески, времето треба да се стабилизира, а од утре се очекува и потопло време до 21 – 22 степена што е сосема доволно за овој период.
-Полека ќе оди разведрувањето па можно е, поради ветерот кој ќе предизвика „мешање“ на воздухот, на одредени места и да не паднат температурите, може да бидат и повисоки, напоменува Ангелко Анегелски од УХМР.