Водостојот на Охридското Езеро е за еден сантиметар повисок од вчера со што го достигна просечното ниво за февруари, покажуваат последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Нивоата на двете останати природни езера во земјава се исти како вчера со тоа што водостојот на Дојранското Езеро е за 2,89 метри повисок од просечниот, додека кај Преспанското Езеро е за 78 сантиметри понизок од вообичаениот.

Подолг период Преспанското езеро тоне и го снаоѓа судбината каква што пред повеќе од две децении ја имаше Дојранското Езеро, кога беа преземени мерки за негово враќање во „живот“.

Водостоите на сите реки во земјава се пониски од просечните, со исклучок на Лепенец  кај Скопје каде нивото е исто со просечното, и во најголем дел бележат мало намалување во однос на вчера.