Управата за јавни приходи денеска ја потврди веста дека сметката на правното лице 1ТВ ДООЕЛ Скопје е блокирана.
Од УЈП потврдно одговориле за блокирањето на сметката за порталот Фактор, кој ја објави веста за блокирањето на сметката на 1 ТВ.
– По однос на вашето прашање за причините врз чијшто основ сметката е блокирана, ве известуваме дека согласно Законот за даночна постапка УЈП е обврзана сите документи, информации, податоци или други факти до коишто дошла во даночна, прекршочна или судска постапка, да ги чува како даночна тајна, одговориле од УЈП.
Сопственик на телевизијата е шоуменот Бојан Јовановски познат како Боки 13.
Од телевизијата реагираа, како што пишува „со тенденциозните информации објавени во одредени медиуми дека е блокирана сметката на 1ТВ, менаџментот на телевизијата ја информира јавноста дека сметката на 1ТВ е активна, што може да се утврди и со увид во банкарска потврда“.
– Воедно, ваквите дезинформации ги оценуваме како злонамерни, кои имаат за цел да го нарушат угледот на телевизијата, предизвикувајќи и материјална штета, но и да внесат забуна кај клиентите и гледачите, информира порталот на 1 ТВ.
Од таму за утре во 21 часот најавија интервју со Бојан Јовановски, кој ќе одговара на сите актуелни прашања што ја интересираат јавноста – состојбата во медиумите, за изминатата и новата сезона на 1ТВ и идните планови на телевизијата. На овие и на многу други теми, како што објавува порталот, првиот човек на 1ТВ и БМЈ Медиа Груп – Јовановски.