„Управата за јавни приходи остро ги демантира наводите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката којашто ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем“, велат од УЈП и апелираат јавноста да ги следи официјалните информации објавени директно од институциите
Управата за јавни приходи (УЈП) ги демантира наводите кои денеска ги изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти УЈП не постапила или воопшто немала увид во случајот со мрежа на компании кои преку фиктивни фактури црпеле милионски суми од Буџетот по основ на поврат на ДДВ. Од Управата ги оценија за невистинити ваквите наводи, посочувајќи дека во моментов надлежните институции го испитуваат случајот.
„Управата за јавни приходи остро ги демантира наводите од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката којашто ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем. Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста нанесува штета на работењето на УЈП“, се наведува во соопштението на УЈП.
Од Управата уверуваат дека институциите согласно своите надлежности постапуваат како за овој, така и за сите останати случаи. Дополнително, УЈП апелира до јавноста да ги следи официјалните информации од институциите.
Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека мрежа од компании направиле милионски штети на државниот Буџет откако подолго време со фиктивни фактури црпеле пари по основ на поврат на ДДВ. Обвинија оти челниците на УЈП или знаеле и молчеле за целиот случај или немаат увид.
Ваквите навови, од владејачкиот СДСМ ги отфрлија како невистинити, велејќи дека случајот со мрежа нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да извлечат пари од Буџетот бил откриен токму од УЈП и од директорката Сања Лукаревска, а повеќе детали најавуваат за в понеделник.