Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Мељник, побара западни борбени авиони, воени бродови и тенкови, по ветувањето на САД дека ќе испратат противракетни системи Патриот во Украина.
Украина е многу благодарна за „храбрите нови потези“ на САД, рече Мељник.
– Но, познато е дека се уште има табуа кои треба да се скршат. Итно ни се потребни западни тенкови, борбени авиони, воени бродови, повеќецевни ракетни фрлачи, муниција. Ова е нашата единствена желба за Божик. Во спротивно, војната ќе предизвика уште повеќе страдања, смрт и уништување на Украина, додаде Мељник.
Тој оцени дека рускиот претседател Владимир Путин ја подготвува својата војска и граѓаните за долготрајна војна и ги мобилизира сите расположливи ресурси.
– Украинците се подготвени да се борат за ослободување на својата татковина, вклучувајќи го и Крим, до последниот здив. Тоа е сигурно, без разлика што ќе направат нашите сојузници, посочи тој.
Мељник одби да преговара со Русија и желбата на Кремљ за преговори ја нарече „целосен блеф“.
Тој категорично ја отфрли можноста Украина да се откаже од кој било дел од својата територија.
– Киев смета дека тоа е неприфатливо. Тоа нема да се случи, заклучи Мељник.