Улицата Пржино 28Б, каде е регистриран новиот македонски државјанин Олександр Онишченко како гласач во македонскиот избирачки список, е куќа во која тој никогаш не се појавил и не живеел.
Новинар на весникот Слободен печат денеска затропал на вратата од куќата, каде отворил сопственикот, кој се претставил како Миле. Кога му кажале дека го бараат Онишченко, одговорил дека тој е на слобода. Запрашан дали живее на посочената адреса, одговорил дека не живее тука и никогаш не живеел. Запрашан кој го пријавил со живеалиште на адресата Пржино 28 Б, газдата Миле одговорил дека извесен кошаркар му дал согласност на Онишченко да биде пријавен на тоа живеалиште.
-Не живее тука, само се пријавил на оваа адреса. Никогаш не сум го видел. А, кој го пријавил на оваа адреса, ќе го прашате него и тие што му дале државјанство, пасош, а не мене. Никогаш не дошол никој тука да го провери. Човекот кој му даде согласност да се пријави на оваа адреса на Онишченко е кошаркар, рекол сопственикот на куќата, видно невознемирен што на неговата адреса е регистриран за живеалиште човек што никогаш не го видел.
Во разговорот што го водела екипата на Слободен печат пред влезната врата, Миле изразил антиамерикански ставови, нарекувајќи ја САД имбецилна држава, откако му кажале дека Онишченко е на листата на санкционирани личности од САД.
Целата приказна на Слободен печат може да ја отворите на овој ЛИНК.