Долгоочекуваниот самит на Нормандиската четврока се одржува денеска во Париз, каде тема е решавање на кризата во Украина, а главни актери се претседателите на Русија, Украина, Франција и канцеларката на Германија.

Во францускиот главен град веќе се одржуваат одвоени состаноци. Рускиот претседател Владимир Путин веднаш по пристигнувањето во Париз се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел. Средбата се одржува во Елисејската палата зад затворени врати.

Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон во својата резиденција разговара со украинскиот лидер Володимир Зеленски.

По билатералните средби, лидерите на четирите земји ќе одржат заеднички состанок.

По самитот на Нормандиската четворка, планирана е средба меѓу Путин и Зеленски, најави претходно денеска советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.

– Состанок ќе се одржи. Постои договор за тоа. Се ќе биде во формат кои Французите, како организатори на самитот, ќе го предложат, очевидно откако ќе завршат сите настани поврзани со самитот, нагласи Ушаков.

Тоа ќе биде прв личен состанок на Путин и Зеленски, кој на должноста украински претседател стапи во мај годинава. Тие досега разговарале четирипати телефонски.

Главни теми на разговорите се детали од Договорот од Минск, мировниот план со 13 точки од 2015 година, кој предвидува враќање на границите со Русија под украинска контрола, одржување избори во сепаратистичките региони и разоружување и евакуација на руските сили во југоисточниот дел на Украина.