Украински суд ја забрани проруската партија „Опозициска платформа – За живот“, водена од Виктор Медведчук, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин. Информацијата ја соопшти украинското Министерство за правда.
Судот во западниот град Лавов одлучи да ги префрли на државата имотот, средствата и други работи што ѝ припаѓаат на партијата предводена од Медведчук, богат бизнисмен обвинет за предавство, пишуваат британски медиуми.
Виктор Медведчук (67) е политичар и богат украински бизнисмен познат како личност блиска до рускиот претседател. Во средината на април, Медведчук беше заробен во Украина откако побегна од офанзивата на Кремљ кон крајот на февруари.
Министерството дејствуваше според закон усвоен од Парламентот минатиот месец. Со законот, се овозможува да му се обрати на судот и да бара забрана за партии, чии активности се сметаат за закана кон Украина.
Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана препорача дефиницијата да се примени за партијата на Медведчук, втора по големина во Парламентот.
Медиуми пишуваат дека нејзините пратеници преферирале блиски врски со Москва, наместо интеграции со Европа.
Медведчук може да добие затворска казна до 15 години, доколку биде осуден за предавство и кршење закони и обичаи на војната.
Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година, откако беше обвинет за велепредавство и обид за ограбување на природните ресурси на Крим, украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година.