Францускиот претседател Емануел Макрон денеска и утре ќе одржи серија состаноци со претставниците на политичките партии со цел да се дефинира стратегија која ќе биде, како што велат од Елисејската палата, во интерес на Франција, откако неговата коалиција Заедно го изгуби апсолутното мнозинство во Парламентот.

Републиканците и левичарското движење Нупес веќе позитивно одговориле на повикот на Макрон.

Коалицијата на Макрон не успеа да ги освои потребните 289 пратенички места од вкупно 577 за да го задржи апсолутното мнозинство. Коалицијата по вториот круг на парламентарните избори, одржани во неделата, доби 245 пратеници. Левиот блок Нупес ќе има најмалку 150 претставници. По нив следуваат екстремно десничарскиот Национален собир со историски резултат од 89 места, а по нив се Републиканците.

Француските меидуми посочуваат дека Макрон ќе бара сојуз или со конзервативните републиканци или ќе предводи малцинска влада која ќе мора за законите да преговара со другите партии од случај до случај.