Украина се пофали дека нејзините сили влегле во Херсон. Украинските и светските медиуми јавуваат дека во градот се виори украинското знаме, а такви фотографии се присутни и на социјалните мрежи. Руското Министерство за одрбана, пак, објави дека нејзините трупи безбедно се префрлиле на источниот брег на реката Днепар, јави агенцијата ТАСС.

Повеќе извори пренесоа дека руските сили го бомбардирале мостот Антоновски, преку реката Днепар, при повлекување од Херсон. Во дел од нив, пак, се наведува дека мостот е целосно уништен.

Судејќи според објавите на социјалните мрежи, украинските сили се влезени во Херсон. Една фотографија покажува луѓе како ги дочекуваат украинските војници, а геолоцирана е во близина на паб во западниот дел на Херсон. Тоа укажува дека украинските сили продолжуваат да се пробиваат кон центарот на градот на југот на Украина.

Министерството за одбрана на Русија, пак, тврди дека сите војници и воена опрема се префрлени преку Днепар, на источниот брег. Операцијата, додаваат од таму, е завршена без загуби утрово во пет часот по московско време. Притоа се наведува дека ниту еден војник, ниту парче опрема се оставени на западниот брег.

Русија во средата нареди повлекување на своите сили, откако обидите за задржување на позициите и за логистичко снабдување на нејзините војници ги нарече залудни поради украинската офанзива.