Во текот на ноќта руските сили ги нападнаа украинските области недалеку од романската граница. Некои беспилотни летала паднаа и детонираа на романска територија, членка на НАТО алијансата, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.
Портпарол на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека руски дронови се урнале и експлодирале на романска територија ноќеска за време на руски напад врз украинската пристанишна инфраструктура на реката Дунав.
„Според украинската државна гранична служба, синоќа, при масовен руски напад во близина на пристаништето Измаил, руски „Шахеди“ паднале и експлодирале на територијата на Романија“, напиша на Фејсбук украинскиот функционер Олег Николенко. „Ова е уште една потврда дека рускиот ракетен терор претставува голема закана не само за безбедноста на Украина, туку и за безбедноста на соседните земји, вклучително и земјите-членки на НАТО, рече тој.
Николенко објави фотографија на која се гледаат пламени јазици по експлозијата на спротивниот брег на Дунав.
Украински извор изјави дека две руски беспилотни летала паднале на романската страна на Дунав.
Украинските воздухопловни сили објавија дека собориле 23 од 32 дронови Шахед од иранско производство, лансирани од Русија и окупираниот Крим.