Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот регион да го задржи статусот на заштитено светско културно наследство.

Одлуката беше донесена денеска од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 48. сесија која се одржува во Бусан, Република Кореја, со која природното и културното наследство на Охридскиот регион не се впишува на Листата на светско наследство во опасност.

Македонската делегација на 48. сесија на Комитетот за светско наследство беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој во своите обраќања ја реафирмираше цврстата посветеност на државата за спроведување на препораките на Комитетот и за долгорочна заштита на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

Оваа одлука претставува израз на довербата за преземените активности и во јасната определба на државата, во соработка со Република Албанија, да продолжи со спроведување на препораките на Комитетот за светско наследство, Центарот за светско наследство и Советодавните тела.

Истовремено, оваа одлука не значи дека предизвиците се надминати. Напротив, таа претставува силна обврска за натамошно интензивирање на активностите за зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

Македонија останува целосно посветена на спроведувањето на Планот за управување и Стратегискиот план за рехабилитација, на зајакнувањето на институционалната координација, на воспоставувањето на тело за управување, како и на понатамошната тесна соработка со Република Албанија во управувањето со ова прекугранично светско наследство.

Во наредниот период ќе продолжи спроведувањето на конкретни мерки за заштита, вклучително и подготовката на прекуграничната Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор и справувањето со бесправните градби, како и активностите за заштита и обновување на Студенчишкото Блато.

Амбасадорот Николов изрази благодарност до државите членки на Комитетот за светско наследство за конструктивниот пристап и довербата, како и до Центарот за светско наследство, советодавните тела како и сите партнери кои со својата експертиза и соработка придонесуваат за зачувувањето на Охридскиот Регион.

-Охридскиот Регион е непроценливо природно и културно богатство со исклучителна универзална вредност. Неговото зачувување е наша национална одговорност, но и заедничка обврска кон светското наследство и идните генерации. Предложената нацрт одлука да го впише Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност, Комитетот за светско природно и културно наследство одлучи да не ја донесе. Ваквиот исход не е никаква случајност, особено по силните заложби на Владата во последните две години беа препознаени и поздравени од Организацијата, особено ако се имаат во предвид низата негативни извештаи од 2017 година наваму.

Инаку, недонесување на веќе предложената одлука за впишување на светско наследство на листата на светски наследства во опасност е исклучително ретка појава. Такви се случаите со Венеција и Големиот корален гребен во Австралија во 2021 година. Затоа, ова го прави успехот на нашата земја особено значаен и историски. Охрид и Македонија добија заслужена меѓународна поддршка, поддршка која е во истовреме и силна обврска и која ќе мора да се оправда во периодот што следи.

Остануваме цврсто посветени на исполнување на сите преземени обврски и на обезбедување долгорочна, ефикасна и одржлива заштита на Охридскиот Регион, во согласност со Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, велат од Владата.