Унгарија ѝ дозволи влез на Финска во НАТО, но не и на Шведска

/ 27.03.2023

Унгарскиот парламент денеска усвои закон со кој се одобрува влезот на Финска во НАТО, откако нејзината апликација за членство беше прифатена од сите 30 членки на Алијансата.

Финска и Шведска поднесоа барање за влез во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина, но процесот беше закочен од Турција и Унгарија.

Иако финското барање сега е прифатено, шведското се уште се чека во унгарскиот парламент. Турскиот претседател Ердоган минатата недела изјави дека турскиот парламент ќе го започне процесот за ратификација на членството на Финска, но барањето на Шведска сепак ќе почека.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг упорно ги повикува Турција и Унгарија да ги ратификуваат двете членства. Се уште не е познато кога унгарскиот парламент ќе гласа за членството на Шведска.

Партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан најави дека ќе ја поддржи ратификацијата, но минатата недела пратеникот на Фидес, Чаба Хенде рече дека Шведска сепак ќе треба да направи повеќе за да одговори на загриженоста на некои од неговите колеги парламентарци.

Процесот на ратификација на Унгарија е закочен во парламентот од јули, а во февруари Орбан ги обвини Финска и Шведска дека шират „отворени лаги“ за демократијата и владеењето на правото во Унгарија.


Од истата категорија