Унгарија и Полска остануваат на своето вето за новиот повеќегодишен буџет на ЕУ и планот за закрепнување по корона кризата, нагласи денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по состанокот со неговиот полски колега во Брисел.

– Потврдивме дека ќе се поддржуваме едни со други, рече Сијарто, преку видео објавено на Фејсбук. – Нема да дозволиме никаков обид за прекинување на таа соработка.

Унгарија и Полска го блокираат целиот финансиски пакет вреден над 1.800 милијарди евра затоа што не сакаат распределбата на средствата од европскиот буџет да биде условена со почитување на владеењето на правото.

Договорот за повеќегодишната буџетска рамка за периодот од 2021 до 2027 година и одлуката за сопствените приходи на европскиот буџет бараат согласност од сите земји-членки, што значи дека нема решение без согласност на Унгарија и Полска.

Веројатно последната можност за надминување на блокадата ќе биде самитот на лидерите на земјите-членки, што ќе се одржи на 10 и 11 декември.