Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, денеска организира одбележување на Денот на македонскиот јазик и 100 – годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Одбележувањето е во согласност со планот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, а ќе присуствуваат и претставници од Македонската академија на науките и уметноститеректоратот на УГД и Филолошкиот факултет.

Настанот ќе се одржи  во 13 часот на платото пред Националната установа библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.

Отворени денови на Катедрата за славистика на Филолошки факултет

Отворени денови на Катедрата за славистика на Филолошки факултет „Блаже Конески“ ќе се одржат од денеска до 15 мај со цел приближување на студиите до идните студенти. Катедрата ќе спроведе серија отворени настани на кои средношколците ќе имаат прилика да се запознаат со наставните програми, содржини и ресурси, како и со перспективите за академски и професионален развој што се нуди.

На Отворените денови на Катедрата за славистика, учениците ќе имаат прилика да се запознаат со професорите, лекторите, наставниците и студентите на трите студиски насоки, да ги дознаат предметите, содржините, да присуствуваат на час и да стекнат претстава за тоа како изгледа факултетскиот ден на еден славист, да го постават секое неодговорено прашање и да добијат важни информации, насоки и контакти во врска со запишувањето и студирањето.

Смислата на оваа серија настани на Катедрата за славистика е да им помогне на многумина ученици да стекнат поинформирана претстава за различните академски патеки што им претстојат и, со тоа да направат соодветен избор за своите универзитетски студии.

Трибина „Блаже Конески денес“ по повод 100 години од неговото раѓање

Скопје денеска организира трибина на тема „Блаже Конеки денес“ по повод 100 години од неговото раѓање.

На трибината што ќе се одржи во паркот пред КИЦ – Скопје, како што најавуваат организаторите, ликот и делото на Конески ќе се осветлат и во потесна и во поширока смисла. Во потесна смисла: она што претставува неговото творештво денес во македонската општествена, културнопросветна и научна стварност, како стимул и корпус. Во поширока смисла: како влог во една воспоставена лингвопоетичка традиција во македонистиката, од којашто произлегува препознатлива лингвистичка школа, која со право го носи неговото име „Школа на Блаже Конески“.

На трибината ќе учествуваат, Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски.

Промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска организира чествување по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

Ќе биде промовирано електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, дело на 21 автор. Електронското издание на Толковниот речник ќе може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Ова е подарок од Владата на Република Северна Македонија, од Министерството за образование и наука, од авторите и од Институтот за македонски јазик до граѓаните.

На промоцијата што ќе се одвива онлајн, обраќања ќе имаат претседателот на државава Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ –Скопје, Јованова-Грујовска и раководителката на електронското издание на ТРМЈ,  Снежана Велковска.