За шестите претседателски избори и предвремените локални избори во Охрид и Ново Село што треба да се одржат утре, избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право. Избирачот добива едно гласачко ливче за избор на претседател, а во двете општини и едно ливче само за избор на градоначалник, со оглед дека советите се конституирани на редовните локални избори.
Во Општина Охрид изборот за градоначалник е распишан поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, а во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.
За гласањето на локалните избори, избирачот се потпишува во изводот од Избирачки список наменет за локалните избори.
Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван.
Преклопеното гласачко ливче избирачот го става во соодветно обележаната кутија за гласање.
Гласање за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени во членот 112 од Изборниот законик, односно избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со овој Законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите.
Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот број 16.
Заради обезбедување на тајноста на гласањето, на денот на изборите на гласачките места, овластените претставници на подносителите на листите, овластените набљудувачи, членовите на изборните органи и избирачите не смеат да користат мобилни апарати, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал и на избирачите кога гласаат.
Во текот на првиот круг на претседателските избори беше избран градоначалник на Општина Дебар. Таму кандидатот на ДУИ Хекуран Дука освои 50,9 отсто од гласовите со што изборот беше завршен во првиот круг.