Од Управата се извинија до семејството на градоначалникот на Општина Карпош за, како што велат, немилиот настан и додаваат дека се работи за несакана грешка на издаден погрешен образец. Уверуваат и дека административниот службеник што го направил пропустот во краток рок ќе биде санкциониран

Откако градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска објави дека наместо извод од матичната книга на венчаните, неговите син и снаа добиле извод од матичната книга на умрените, со писмено известување по однос на ова прашање се јавија од Управата за водење на матични книги.

Оттаму се извинија до семејството на Јакимовски за, како што велат, немилиот настан и додава дека се работи за несакана грешка на издаден погрешен образец. Уверуваат и дека административниот службеник што го направил пропустот во краток рок ќе биде санкциониран.

„Направен е увид во целокупното постапување по предметното барање за издавање на извод на интернационален образец од матична книга на венчаните и утврден е пропуст сторен од страна на административен службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје и истиот во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници“,

се посочува во известувањето на Управата за водење матични книги.

Градоначалникот на Општина Карпош претходно денеска објави дека неговите син и снаа наместо извод од матична книга на венчани, добиле извод од матична книга на умрени, а оти денот на нивната венчавка бил впишан како ден на нивната смрт. На документот, како што посочи Јакимовски, била потпишана извесна Дијана Антониевиќ, која, како што оцени, сигурно е кадар или на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ.