Управниот суд во Скопје денеска одржа јавна седница по поднесената тужба од ВМРО-ДПМНЕ која се однесува на одбиениот приговор од Државната изборна комисија за гласачкото место 1789 во Ново Село.
Одлуката дополнително ќе биде објавена на сајтот Управниот суд.
Подносителот на тужбата ВМРО-ДПМНЕ бара да се пони поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори во законски определениот рок утврден со Изборниот законик.
На седницата беше посочено дека немало забелешки за процесот на гласање кој траел до 19 часот, туку за сумирањето и утврдување на резултатите на ова избирачкото место.
Тужителот бара поништување на гласањето бидејќи Избирачкиот одбор не бил во можност веднаш по завршување на гласањето да го состави Записникот со правилен внес на податоците за искористени гласачки ливчиња и за лица потпишани во Избирачкиот список за тоа избирачко место.
Имено било констатирано дека во Избирачкиот список се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.
Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место, откако по службена должност го отвори гласачкиот материјал и по неколкукратно пребројување констатираше дека тој е во ред и оти бројот на гласачки ливчиња во кутијата се совпаѓа со бројот на избирачи кои гласале.