Управниот суд ја отфрли тужбата на „Еуростандард банка“ во врска со решението на Народната банка донесено од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Во образложението на одлуката се наведува дека за Еуростандард банка е отворена стечајна постапка и согласно Законот за стечај и Законот за трговски друштва е извршена промена на податоците во Централниот регистар и единствено овластено лице е стечајниот управник Душко Тодевски кој има овластувања да ја застапува банката во правниот промет.
– Од овие причини, Управниот суд ја отфрли тужбата на тужителите поради непостоење на активна легитимација, а согласно членот 203 став 2 од Законот за парнична постапка на чија примена упатува членот 14 став 1 од Законот за управните спорови, се вели во образложението.
И барањето за донесување на времена мерка за одложување на решението од Народна банка, од Судот го отфрлија како беспредметно.
– Судот при одлучувањето го имаше предвид и посебното барање – Предлогот за донесување на времена мерка за одлагање на извршување на оспореното решение, но фактот дека Судот со ова решение одлучи за тужбата, барањето за донесување решение за времена мерка е беспредметно. Ова од причина што времената мерка во управниот спор ја следи судбината на тужбата, наведуваат од Судот.
Народната банка во август ја одзема дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа. При крајот на август беше отворена стечајна постапка, а од Фондот за осигурување на депозити најавија дека ќе бидат обештетени депозитите. Дел од оштетените граѓани формираа здружение и за утре најавија протест пред Собранието. Преку оваа банка се вршеше и платниот промет на АД „Пошта“ поради што во тек е постапка за избор на нова банка преку која „Пошта“ ќе го врши платниот промет.