Управната зграда и неколку работни единици на „Водовод“-Кочани се исклучени од електро-енергетската мрежа.
Филтер-станицата и пречистителната станица за третман на отпадните води работат и се уште не е доведено во прашање водоснабдувањето на граѓаните.
Јавното претпријатие се одлучило за оваа рестриктивна мерка, поради долгот од 50 милиони денари за сметки за струја, направен само во изминатите 3 месеци.
Од Општина Кочани сметаат дека е потребно изнаоѓање на системско решение, зашто само долгот на „Водовод“ –Кочани чини близу 1/3 од годишниот буџет на општината.
Исто така, со енормно високи сметки за електрична струја се соочува и охридски Водовод
За 7 до 8 пати пораснале сметките, а една сегашна месечна чини колку што претходно се трошело за цела година.
Состојбата е загрижувачка во ова јавно претпријатие, бидејќи проблем имаат и со заостанат долг од 80 милиони денари за потрошена електрична енергија, така што од месец за месец се натрупуваат трошоците, а дополнително треба да се обезбедат и плати за над 200 вработени.
И од таму бараат помош од општината и државата, но, како што велат, до исклучување на струјата на пумпните станици нема да дојде.