Тужбата на Тодор Петров до Управниот суд во врска со криминалниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, судот ја одбил со образложение дека не станува збор за поединечен акт (за кои тој е надлежен да одлучува, наспроти општите акти за кои е надлежен Уставниот суд).
Тодор Петров се жалел до Врховниот суд, но ако и тој ја одбие жалбата, тогаш ќе се добие потврда од два суда во РМ дека во случајот со изборот на Џафери станува збор за општ, а не поединечен акт и дека надлежноста за решавање на случајот е во рацете на Уставниот суд, кој, поради целосната негова зависност од СДСМ и странските амбасадори, не смее да одлучи по овој предмет за кој иницијатива, исто така, има поднесено Тодор Петров.
Иако е јасно дека одлуката за избор на Џафери е ошпт акт, очигледно е дека Петров се обидел од сите страни да ги заштити своите иницијативи и во што е можно поголем обем, да ги донесе во тесно судовите во РМ кои би можеле да одлучуваат по ова прашање. Впрочем, еве ја хронологијата на случајот објавена од СМК:
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
ИЗБОРОТ НА ТАЛАТ ЏАФЕРИ ОСПОРЕН И ПРЕД ВРХОВНИОТ СУД НА МАКЕДОНИЈА!
7 декември 2018 година, Скопје, Македонија – Минатата година претседателот на Светскиот Македонски Конгрес (СМК) Тодор Петров го оспори изборот на Талат Џафери на 27 април 2017 година за претседател на Собранието на Македонија, и пред Управниот суд на Македонија и пред Уставниот суд на Македонија. Други поднесоци од други подносители не се евидентирани.
Имено, на 9 мај 2017 година, претседателот на СМК поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, со времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што може пратеникот Талат Џафери неовластено да ги преземе со лажно претставување до донесување на конечна одлука во Уставниот суд. За жал, Уставниот суд и после 18 месеци, досега не постапил по оваа иницијатива.
На 26 мај 2017 година, врз основа на посебните одредби од Законот за управните спорови, претседателот на СМК поднесе и барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, а повредени поради незаконското дејствие симулација на “избор на претседател на Собранието на Република Македонија“ на 27 април 2017 година во Големата сала на Собранието на Република Македонија од 18-20 часот, видно од “Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија“незаконски заведена во архивата на Собранието и незаконски објавена во “Службен весник на Република Македонија“ на 9 мај 2017 година.
Конечно, после 18 месеци, Управниот суд на Македонија со Решение од 14 ноември 2018 година, предлогот за заштита на слободите и правата на подносителот Тодор Петров, изјавен против Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Македонија го отфрли како недозволен, со образложение дека Одлуката за избор на претседател на Собранието не ја смета за поединечен акт туку за општ акт по кој Управниот суд се смета за ненадлежен. По решението на Управниот суд дозволена е жалба до Врховниот суд на Македонија. Управниот суд одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието ја смета за општ акт. Управниот суд се смета за надлежен само по спорови по поединечни акти.
Денес, претседателот на СМК поднесе жалба до Врховниот суд на Македонија со којашто и натаму останува при наводите во барањето до Управниот суд од 26 мај 2017 година за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, а повредени поради незаконско дејствие при симулација на “избор на претседател на Собранието на Македонија“. СМК смета дека Управниот суд извршил погрешна примена на материјалното право.
Претседателот на СМК во жалбата, му предлага на Врховниот суд мериторно да донесе Одлука, со којашто: (1) Жалбата од подносителот Тодор Петров СЕ УВАЖУВА, (2) Решението на Управниот суд од 14 ноември 2018 година со кое се отфрла барањето за заштита на слободите и правата од подносителот Тодор Петров изјавен против Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија СЕ ПОНИШТУВА, и (3) Одлуката на Собранието на Република Македонија за избор на Талат Џафери за претседател СЕ ПОНИШТУВА.
На потег е Врховниот суд на Македонија, а одлуката на Уставниот суд по иницијативата од 9 мај 2017 гоина се’ уште се чека…