30 минути после полноќ, приведен и задржан во полициска станица е 41 годишниот М.Д управителот на МОШ, ланч барот во Скопје, кој две вечери по ред на гостите им овозможи концерт без маски и протоколи со музичката звезда, Владо Георгиев, информираа од Владата.

„Лицето е приведено поради постоење основано сомнение дека, како одговорно лице, управител на ланч бар „Мош“ во Скопје, сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ. Лицето М.Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија.“ – се вели во соопштението на владата.

Не може цела угостителска дејност да пати поради 30 угостители, кои сакаат да се прошверцуваат во овој момент. Бараме поголеми надлежности од страна на државата, да можеме да ги затвараме локалите кои не ги почитуваат мерките, вели Стојко Пауновски директор на ДПИ.

Во денови кога есенскиот бран носи високи бројки на новозаразени, државниот пазарен инспекторат на терен бележи низа неправилности.

„Само во текот на вчерашниот ден, од преку 100 направени контроли издадени се 19 пријави, кривични или прекршочни со платни налози.Прекршувања на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, како и пречекорување на работното време,забележани се во угостителски објекти во Скопје, Тетово, Струга, Битола, Прилеп и Струмица.“ – вели Стојко Пауновски – ДПИ.

Според Пауновски најголемиот дел од угостителските објекити кои прават свадби се посетени од инспекторите, а во 7 ресторани се затекнати свадбени прослави со преку стотина гости.

Кривични пријави се напишани за 9 објекти, поради нарушување на здраствените протоколи, изјави Стојко Пауновски за ТВ 24.

И додека инспекторите се на терен, од комисијата за заразни болести и понатаму ја разгледуваат моменталната епидемиолошка состојба, и можноста за рестриктивни мерки.

Директорот на институтот за јавно здравје, др Стојанов смета дека имало доволно време граѓаните да научат да живеат со мерките и протоколите, но ништо од тоа не се почитува а бројките и понатаму растат, според него сеуште многу граѓани не веруваат во постоењето на вирусот.

„Најбитна работа на светот да дојде Владо Георгиев и 2 недели да прави по 1000 луѓе концерт. Цело време не убедуваа дека ќе има протоколи и ќе се почитуваат, се што им дадовме не испочитуваа. Кафани ќе имало на 5 м растојание, ма какви. Автобусите се полни без маски, и градски и меѓуградски. И сега имало бројки па ќе има, и уште повеќе ќе има.“ – вели др Александар Стојанов.