Бројот на загинати во разорниот ураган Мајкл, што ги погоди американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Северна Каролина и Вирџинија, денеска се искачи на 12, а властите стравуваат дека бројот на жртви најверојатно ќе расте.
Спасувачките екипи кои користат тешка механизација продолжуваат да ги расчистуваат урнатините.
– Очекувам денеска и утре да порасне бројот на загинати, изјави директорот на Федералната аганција за управување со вонредни ситуации (ФЕМА) Брок Лонг.
Ураганот Мајкл денеска ослабна и продолжи да се движи над Атлантски Океан, североисточно од Норфолк во Вирџинија.
Мајкл, најмоќниот ураган во континентална Америка во последните 50 години, го зафати северозападниот брег на Флорида во близина на Мексико Сити со ветер од 250 километри на час. Невремето уништи цели редови куќи, оставајќи ги само темелите.
Околу 1,1 милион домаќинства, трговски и бизнис објекти во Флорида, во Алабама, во Џорџија, Северна и во Јужна Каролина останаа без електрична енергија.
Движејќи се кон внатрешноста, ураганот уништи голем број далноводи и дрвја.