УРНИСАНО СУДСТВО: Ковачевски и неговите ортаци леат крокодилски солзи, откако целосно ја расцветаа пупката што ја отвори Заев

/ 19.12.2022

Актуелниот премиер Димитар Ковачевски, но и СДС и ДУИ не треба да изигруваат изненадени од состојбите во правосудството, затоа што тие им кумуваа на сите процеси кои доведоа до урнисување, се вели во денешната реакција од одпозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението во продолжение го пренесуваме во целост:

Ковачевски и СДС до крај го расцветаа судството по истиот принцип како што почна Заев.

Состојбите ескалираа во последните неколку месеци во кои се случија низа скандали кои кулминираа со судска одлука за која сега Ковачевски и неговиот ортаци леат крокодилски солзи.

Прво, пред месец и половина се случи скандалозниот избор на нов шеф за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, при што беше избран обвинител за кој два дена не можеа ни слика да му најдат, а не пак некое позначајна обвинителска работа. Впрочем за овој случај негативно се произнесе и самата американска амбасадорка, но и други дипломати чии земји инвестирале милиони од средствата на нивните даночни обврзници за да се изградат институционални капацитети во Македонија. Кога конечно најдоа фотографии од новиот шеф на ЈОГОКК се испостави дека се сликал со половина врв на ДУИ. Ковачевски ова проба да го заташка.

Второ, после тоа следеше изненадувачката оставка на претседателката на Судскиот Совет Павлина Црвенковска, која обвини дека во Македонија владее бизнис-судска елита. Власта на Ковачевски и ова проба да го заташка.

Трето, изборот за наследник на Црвенковска во Судскиот Совет беше уште поскандалозен, односно беше избран нов претседател од фото албумот на СДС. Избрана беше Весна Дамева, партиски активист на СДС која од судски приправник дојде до врвната позиција која ќе оценува, именува и разрешува судии, иако самата нема ни ден стаж како судија. Власта и Ковачевски и ова го премолчаа.

Четврто, изби скандалот со начинот на кој синот на Талат Џафери го положил правосуден испит без да има завршено соодветно образование за тоа. Овој скандал извади на виделина над 400 вакви случаи за прекршување на нормите и правилата и Ковачевски и власта премолчаа колку од ваквите правници денес се на функција во правосудството.

Петто, очигледен е башибозлукот кој владее во Академијата за судии и обвинители во која не се знае кое функционерско дете како се запишало, ама се знае дека наскоро ќе заврши и ќе се вгнезди во трулиот правосуден систем. Оваа Академија ја води кадар предложен на СДС и затоа Ковачевски не може да се прави паднат од Марс за состојбите во правосудството.

Шесто, поразителен е податокот дека само 20% од зацртаната годишна стратегија за борба против корупцијата е реализирано од страна на институциите. Тоа покажува дека власта на Ковачевски нема волја да се справува со корупцијата, затоа што самите се извор на криминал и коруптивни зделки.

Седмо, дојде американски тим за гонење на корупција како резултат на неспособноста на домашните институции предводени од СДС и ДУИ. Тоа предизвика паника во нивните редови и почнаа самите меѓу себе да се обвинуваат кој колку не сработил. Нус производ од тоа е и признание на СДС дека Јовески бил некадарен и не заслужува да биде Уставен судија, иако буквално до вчера инсистираа за негов избор. И ова Ковачевски и власта се обидуваат да се забошоти.

Ковачевски не само што има одговорност за состојбите во правосудството, туку за тоа и ќе одговара пред народот. Сите обиди за партизација и инструментализација на правосудството им се вратија како бумеранг. Ковачевски нека не се прави наивен и невин што се чуди за состојбите и одлуките во правосудството, туку треба да знае дека сето тоа е резултат на нивната партизација и политика на „расцветување“ на судовите и обвинителствата. Тоа што СДС го дробеше сега се срка.


Од истата категорија