Од денеска во 11 часот на територијата на цела Македонија започнува 42-часовен карантин, со цел спречување на ширење и справување со пандемијата на Ковид-19. Забраната за движење ќе трае до вторник 05:00 часот.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјава се искачи на 1 941, откако во текот на изминатото деноноќие беа потврдени 20 нови случаи на Ковид-19.
Одлуката овој продолжен викенд да има зголемена рестрикција за движење на граѓаните, односно полицискиот час да трае од недела во 11 часот, до вторник до 05.00 часот, Владата ја донесе на 56-тата седница, иако претходно Комисијата за заразни болести поднесе предлог полицискиот час да трае од сабота од 19:00 часот до вторник до 05:00 часот.
За домашните миленичиња остануваат востановените термини и за продолжениот викенд
Oд Владата информираа дека за време на продолжениот празничен викенд граѓаните, во периодот кога важи забраната за движење, своите миленичиња ќе можат да ги изнесуваат наутро од 08:00 до 08:30 часот, потоа попладне од 15:00 до 15:30 часот, како и навечер од 20:00 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето и со примена на останатите мерки за лична заштита.
Јавниот превоз во Скопје нема да функционира од недела во 11 до вторник во 5 часот
ЈСП Скопје соопшти дека, привремениот целосен прекин на сообраќањето на автобусите на ЈСП Скопје и приватните превозници е согласно одлуката на Влада за забрана на движење на населението во посочениот период.
Во недела сите автобуси ќе сообраќаат по неделен возен ред од 5 до 11 часот. Утре нема да има дежурни билетарници и центри за персонализација.
Од почетокот на епидемијата оздравени се 1 411 пациент, а починати се 113
Во изминатите 24 часа направени се 744 тестирања, од кои 355 се во рамките на скринингот. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 417.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се вкупно 55 пациенти. На кислородна поддршка се 32, на механичка вентилација се 2 пациенти.
Во ГОБ „8 септември“ се хоспитализирани 20 пациенти. На респиратор се 5, a со потешка клиничка слика се уште 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 5, на домашно лекување се следат уште 4 пациенти, додека во болницата во Штип се хоспитализирани 5 пациенти.
На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 44 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19.