Цитирајќи го партискиот лидер Али Ахмети, министерот Бујар Османи одговори на прашањето дали му е загрозена функцијата во извршната власт, по најновите превирања во ДУИ. Османи не одговори конкретно на прашањето, но кажа дека е мисионер, а не функционер, алудирајќи на коментарот на Ахмети дека останува да ја води партијата се до остварување на мисијата – членство во Европската унија. Неизвесноста следува откако „огнената група“ иницираше избор на нови партиски тела, пред кои ќе треба отчет да даваат владините функционери од партијата, а на тапет ја ставија работата на Артан Груби и Бујар Османи, објавува Алсат.
„Јас сум професионален политичар, којшто кариерата не ја имал само во Владата, туку кога не сум бил во Владата сум бил во партијата. Така што, како што вели Ахмети „јас сум мисионер, а не сум функционер“. Овие платформи ми се само начини на изразување на мојата мисија. Дали тоа ќе го правам како портпарол, како министер, како функционер е всушност една идеја и ние работиме за идејата“, рече Бујар Османи – ДУИ, а пренесува Алсат.
Османи кажа дека одлуката на ДУИ е дебатата од јавноста да се префрли во партиските тела и тоа ќе се случи на 15 октомври. Според него, секој ќе може да си го каже своето мислење што би било, како што додава Османи, израз на демократската практика и слободата во партијата. Отсуството на партиски тела и неодговорноста на извршната власт беа причините „огнената група“ во ДУИ да изрази незадоволство во писмото кое беше објавено кон крајот на септември и преку кое јавно побараа лидерот Али Ахмети да го зачува единството и да се отвори внатрепартиска дебата за надминување на состојбата. Дел од медиумите, пак, објавија дека причина за внатрепартиската кавга се бизнис интереси за увоз на јаглен, но Османи вели дека ова се шпекулации.
„Не, мислам дека за купувањето на Твитер беше, со Елон Маск имавме дебата. Мислам дека се тоа непотребни шпекулации и тие што ја знаат историјата на ДУИ, знаат дека ова е начинот на којшто во ДУИ се манифестираат. ДУИ е голема партија, ДУИ е зрела партија, во којашто и незадоволство и задоволството се манифестираат преку органите на партијата и потоа се носат соодветни одлуки“, додаде тој.