Повеќето од осудените за настаните од 27 април 2017 година добиле условен отпуст, откако издржале повеќе од две третини од затворските казни, дознава „Скопје1“ од извори во Кривичниот суд. Одлуките ги донел Кривичниот совет, кој оценил дека се исполнети законските услови за да се донесе ваква одлука.
На слобода ден пред Новата година треба да излезат Мунир Пепиќ, Оливер Поповски, Влатко Трајковски, Душко Лазаров, Јане Ченто, Митко Пешов, Горан Ѓошевски и Никола Митревски. Досега отпуст добија Младен Додевски и Горан Ангелов-Ќосето кои меѓу првите го напуштија затворот.
Според информациите на Скопје 1, Оливер Радулов добил условен отпуст пред 6 месеци.
„Скопје1“ дознава дека до Кривичниот суд е испорачано и барањето за повторно судење, поради тоа што постојат нови докази, кои би влијаеле на исходот на постапката. Ова барање беше очекувано дека ќе се поднесе, и најавувано од страна на осудените години наназад. Уште од стартот на судската постапка, по поднесеното обвинение од Вилма Русковска, тие беа децидни дека одговараат за дело кое не го сториле, а за кое им беа изречени високи затоврски казни.
Инаку, институтот условен отпуст претставува т.н. „круна“ на ресоцијализацијата, односно „награда“ за доброто поведение при издржувањето на казната. Кога ќе се поднесе молба за овој институт, се подготвува извештај за осуденото лице. Условен отпуст одредува исклучиво Судот и согласно закон може да се состои во посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита кои ги спроведува надлежен орган согласно со закон.




