Франција, Германија и Шпанија денеска најавија дека ќе го признаат Хуан Гуаидо за легитимен времен претседател на Венецуела, доколку властите во Каракас во рок од осум дена не објават план за одржување нови избори, јави ДПА.
– На венецуелскиот народ треба да му се овозможи слободно да реши за своја иднина, објави на Твитер францускиот претседател Емануел Макрон.
Во исто време, со случни ставови излегоа и владите на Германија и Шпанија.
– Доколку во следните осум дена не бидат распишани избори, ние сме подготвени да го признаеме Хуан Гуаидо за времен претседател (на Венецуела), изјави портпаролката на германската Влада, Мартина Фиц.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, пак, порача дека Шпанија нема намера „да инсталира или менува влади, туку сака демократија и слободни избори во Венецуела“.
Спикерот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гуаидо во четвртокот се прогласи за времен венецуелски претседател на местото на шефот на државата Николас Мадуро, кој беше избран на таа функција минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и чии резултати беа оспорени од дел од меѓународната заедница, пред се од западните земји.
Набрзо по самопрогласувањете на Гуаидо, Вашингтон го призна за времен претседател на Венецуела, пример што го следеа уште десетина американски држави. Од друга страна, некои земји, меѓу кои и Русија, Турција, Иран и Куба, застанаа на страната на Мадуро.
Најавата на Берлин, Париз и Мадрид доаѓа во пресрет на денешната вонредна седница на Советот за безбедност на ОН посветена на случувањата во Венецуела, свикана на барање на САД.
На седницата е најавено учество и на американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој се очекува да побара од меѓународната заедница да го признае Гуаидо за легитимен венецуелски претседател.