УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

“Радувајте се, зашто јас сум со вас во сите денови”.

За време на овие предсмртни настани, наеднаш се слушнал шум како гром и облаци го окружиле домот на Свети Јован. Тоа по заповед Божја, ангелите ги зафатиле апостолите кои се разотишле на сите страни на вселената заради проповед на евангелието, и на облаци ги донеле во Ерусалим, на Сион пред домот на Пресвета Богородица. Најпосле дошол и Свети Апостол Павле со своите ученици Дионисиј, првиот атински епископ, Еротеј, атински епископ и Тимотеј, ефескиот епископ, а тука биле и 70 апостоли, собрани преку Светиот Дух. На 15-ти август, во третиот час од денот, во горната
одаја биле запалени многу светилници, светите Апостоли го славеле Бога, а Пресвета Богородица лежела на украсениот одар, очекувајќи го доаѓањето на својот Син. Наеднаш заблескала неискажана светлина на божествената слава, помрачувајќи ги светилниците. Кровот на горната одаја се открил и слегол Самиот Господ од небесата со ангелите, а Пресвета Богородица, здогледувајќи го својот Син како доаѓа, воскликнала:

“Душата моја Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто погледна на смиреноста на слугинката Своја” (Лука 1, 46-47).
И без болки ја предала својата душа во рацете на Господа. Во тоа време се слушнало ангелско пеење на зборовите од благовештенскиот поздрав:

“Радувај се благодатна, Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!” (Лука 1, 28), а апостолите виделе како ангелите пеејќи ја оваа песна ја спроведуваат душата на Пресвета Богородица, која Господ ја вознесувал на небото. Лицето на Пресвета Богородица блескало како сонце, а од нејзините мошти се ширел чудесен мирис и од нив се исцелиле многу болни. Сега апостолите го понеле телото на Богородица од Сион кон Гетсиманија со пеење на псалми и молитви, со свеќи и кадилници, а пред одарот било носено рајското гранче. Над одарот пловел круг од светли облаци до самиот гроб, а во облаците се слушало пеење на ангелите. Многу од јудејците, слушајќи и гледајќи го сето ова, оделе со Христијаните по одарот, и покрај тоа што не биле Христијани. Кога за ова дознале архиереите и книжниците јудејски, се разлутиле и испратиле војници и слуги да ги разгонат учесниците во погребот, да ги убијат Христијаните и да го изгорат телото на Пресвета Богородица. Но, кога гонителите стигнале до погребната поворка, кругот од облаци се спуштил на земјата и ја окружил поворката како со ѕид. Гонителите слушале пеење, но не можеле да видат ништо. Покрај тоа, ангелите ги поразиле гонителите со слепило, па гонителите удирале со главите во ѕидовите и ги барале своите водачи. Потоа облакот се подигнал.

Еден јудејски свештеник Афониј (по други извори Јефониј или Софониј), се исполнил со омраза и сакал да го преврти одарот со Богородица, но кога се допрел до одарот, ангел со меч му ги отсекол рацете, кои останале да висат на одарот. Афониј и ослепените, спознавајќи ја силата Божја, се покајале и се исцелиле. Апостолите стигнале со телото до Гетсиманија и го погребале во гробот, и тука на гробот останале три дена пеејќи псалми. За сето тоа време во воздухот се слушало пеење на ангели. Апостол Тома, единствен од апостолите не бил присутен на погребот, и дошол на гробот на Богородица дури третиот ден по нејзиниот погреб, по промисла Божја, за да се открие уште едно чудо со Пресвета Богородица. Кога апостолите го отвориле гробот на Пресвета Богородица, за да се поклони апостол Тома на телото на Пресвета Богородица, во гробот не го нашле телото на Пресвета Богородица, туку само погребната прекривка, од која се ширел прекрасен мирис. Истиот ден вечерта, апостолите седеле на трпеза заради храна. Апостолите за време на трпезата оставале едно место празно, и на тоа место поставувале парче леб во чест на Христа. По завршувањето на трпезата, вознесувајќи благодарност, апостолите го земале спомнатото парче леб, нарекувано дел Господов, и го воздигнувале, славејќи го великото име на Пресвета Троица. Потоа, по зборовите: “Господи Исусе Христе, помогни ни” – би го изеле тој леб како Божји благослов. Така апостолите постојано правеле, било да се заедно, било да се сами. Така било и за време
на трпезата во Гетсиманија. Кога го подигнале лебот славејќи ја Пресвета Троица, наеднаш слушнале ангелско пеење. Подигајќи ги очите, ја здогледале во воздухот Мајката Божја окружена со ангели и во блескава светлина, каде што им вели:

“Радувајте се, зашто јас сум со вас во сите денови”.

Светите апостоли, наместо вообичаеното “Господи Исусе Христе, помогни ни” – воскликнале: “Пресвета Богородица, помогни ни”. Од тоа време поверувале апостолите и ја научиле Светата Црква да верува, дека пречистата Мајка Божја во третиот ден по погребот била воскресната од Својот Син и вознесена со телото на небо. Потоа апостолите влегле во гробот и ја зеле оставената плаштаница, како сведоштво дека Пресвета Богородица воскреснала од гробот. Спасителот во третиот ден ја воскреснал својата Мајка и ја вознесол со телото во небеските пребивалишта. По сето ова, апостолите повторно на облаци биле однесени на местата кадешто го проповедале евангелието. Оваа чудесна историја за Пресвета Богородица е во согласност со библиските чуда, зашто и Енох и Илија биле земени на небото, а како тоа да не биде со онаа која е “почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите”. Со оваа историја во потполна согласност е и фактот што, додека од останатите светители имаме сочувани мошти, за моштите на Пресвета Богородица никогаш никаде не е забележено дека се чуваат, само ризата и појасот. Најпосле, во самата служба на празникот Успение, чудесните случувања околу успението на Пресвета Богородица се објаснуваат со нејзиното чудесно раѓање на Спасителот.