Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица во народот познат како Голема Богородица. Бројни верници и граѓани на овој ден се упатуваат во манастирите и црквите да се помолат пред Мајката Божја.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан по повод празникот ќе чиноначалствува со Светата божествена литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, крај Скопје. Литургијата започнува во 8:30 часот.

– Возљубени во Христа, Ве покануваме на Богослужбите во чест на Успението на Пресвета Богородица. Ќе ни биде драго заедно со Вас, да и укажеме почит и благодарност на нашата Мајка и заштитничка Пресвета Богородица, која вистински не закрилува нас сите и заеднички достојно да го прославиме Нејзиното Успение, е пораката што ја упати сестринството од Манастирот.

Во дворот на манастирот традиционално на овој ден се одржува крводарителска акција.

Сестринството упатува апел до граѓаните и верниците, кои за време на празничните денови во голем број доаѓаат во манастирот, да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид -19: да се одржува физичко растојание од 1.5 метар или задолжително да се носи маска, да се врши дезинфекција на рацете при влез и за време на престојот во манастирот.