Уставните судии по речиси пет години од кога Талат Џафери беше прв пат избран за претседател на Собранието, денеска дискутираа за иницијативите поднесени од неколку правни субјекти кои ја оспоруваат ова Одлука.

Судијата известител Насер Ајдари, во своето излагање на денешната седница на Уставниот суд, посочи дека иницијативите за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието во мај 2017 години немаат карактер на пропис во смисла на уставна одредба и не може да биде предмет на уставна судска оцена. Во рефератот за овој предмет се предлага иницијативите да се отфрлат бидејќи немаат правна сила. Меѓутоа имајќи го предвид актуелниот број на уставни судии предлогот не доби мнозинство гласови од уставните судии.

–  Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши конкретен избор на претседател на Собрание на РСМ што претставува одлука која по својот карактер и содржина е конкретен поединечен акт, таа не е потпис, нема основ за уставно судска оцена и нејзината уставност и законитост, рече уставниот судија Ајдари.

Тој, меѓу другото нагласи дека Уставниот суд не може да впушта во анализа на постапката и во оценка на основаноста на наводите истакнати во иницијативите и мериторното одлучувањето.

– Според горенаведената уставна норма неспорно е дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува ниту за примена на прописите, а со тоа и на оние кои се однесуваат на организацијата и функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија и да ги оценува активностите и делувањето на субјектите во правото, односно во случајот на пратениците за начинот на извршување и примена на прописите, рече Ајдари.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, во своето произнесување за овој предмет истакна дека со завршувањето на мандатот на тој парламентарен состав завршил и мандатот на претседателот на Собранието.

Свои коментар за овие иницијативи имаа и останатите уставни судии. Осман Кадриу наведе дека се поминати сите можни рокови и дека по Деловник тие немаат можност за запирање на постапката. Во овој случај тој предложи да се одлучи мериторно поради општественото значење на овој предмет. Додека, уставниот судија Дарко Костадиновски, посочи дека треба да се разгледаат две дилеми, односно дали станува збор за пропис или не, и дали одлуката е подобна за уставно-судска одлука.

– Да не ја повредиме парламентарната демократија. Оваа иницијатива е беспредметна, рече судијата Костадиновски.

За целосно да се отфрли ова иницијатива се произнесе и уставната судијка Вангелина Маркудова, која додаде дека ова е беспредметна иницијатива се однесува на конкретен период кој е завршен и не е пропис.

Подносители на иницијативите, како што информираат од Уставниот суд, се Тодор Петров од Скопје, претседател на Светски македонски конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје, и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.

Во една од иницијативите е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година.

Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички била донесена по затворање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик.