Уставниот суд го укина Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1 донесен на 5 јануари 2016 година. Овој план ги опфаќа булеварот Партизански одреди, улица Московска, булевар Македонија и булевар 8 Септември.

Според одлуката на уставните судии, општина Карпош не ги почитувала  уставните и законските одредби при донесување на спорниот ДУП со тоа што не биле почитувани одредбите од Законот за животна средина за објавување на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр. 34-3079/17 од 6 јули 2015 година).

„Не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што судот оцени дека оспорената одлука не е во согласноста со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, со членот 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 Законот за животната средина“, пишува во одлуката на Уставниот суд.

Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1 и за Карпош 4 беше донесен на Бадник во 2016, а неколку граѓански организации протестираа против овие планови и поднесоа иницијатива до Уставен суд.