Уставниот суд моментно функционира без една третина од судиите, а од средината на јануари ќе се испразни уште едно судиско место, што значи петмина судии. Уставот како највисок акт предвидел дека во името на граѓаните ќе одлучуваат девет судии, информира денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.
Таа на денешната прес-конференција предупреди дека со неизбирањето на нови судии ќе се предизвика дисбаланс меѓу евентуалниот напад врз уставниот поредок и заштитата на истиот од страна на судот.
– Во име на Уставот и неговото бескомпромисно почитување и штитење барам и апелирам до Собранието да се изберат нови уставни судии затоа што во прашање ќе го доведат легитимитетот на идните одлуки, но секако и квалитетот, а особено довербата на граѓаните во Уставниот суд што следствено значи губење на доверба во правниот систем, нагласи Кацарска.
За да има одлука, посочи, потребни се најмалку петмина судии, но никој не може да грантира дека сите петмина ќе бидат едногласни во одлуките, а и не е правило затоа што квалитетните одлуки се засновани врз дебата, различни мислења и толкувања.
– Сериозна ќе биде состојбата доколку судот биде доведен да одлучува во неколку исклучителни ситуации за кои е нужно дво-третинско мнозинство, односно шест судии, тоа е случај за имунитет и одговорност на претседателот на државата и избор на претседател на Уставен суд. Оваа состојба веќе се одразува со негативен ефект врз работата на Судот. Изминатиот период беа целосно одложени 11 предмети за кои се чека полн состав. Полн состав чекаат деловникот за работа на Владата, предмети за слободи и права, закон за ЈО, закон за даноци за моторни возила за данокот за конзуларни претставници, закон за процена, одлука за додатокот на пратениците, ДУП Гостивар, закон за облигациски односи, закон за високо образование итн., информира Кацарска.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со тоа што веќе половина година Судот работи со помал број на уставни судии, Кацарска информираше дека во составот недостасуваат судиите кои ги предлага Комисијата за избори и именување а за истекувањето на нивниот мандат Собранието е благовремено известено.
– Судијата Сали Мурати кој беше претседател до 2 јуни, два месеца пред да истече нивниот мандат писмено се обрати до претседателот Џафери и го извести дека на тројца судии им завршува мандатот. Во ноември се обратив писмено повторно до претседателот на Собранието, Талат Џафери да го известам дека од 14-ти јануари завршува мандатот на уште еден судија. Се обидувам во непосредни комуникации со министерот за правда, Бојан Маричиќ, со Џафери, да замолам да што поскоро се изберат судиите на Уставен суд. Но, моите ингеренции завршуваат тука, рече претседателката.
Кацарска апелираше на итно избирање на уставни судии со цел непречена работа на Уставниот суд и изјави дека се надева дека Комисијата за избор и имеунвање ќе се состане набрзо и ќе даде предлози до Собранието за избор на судии.