Откако во јавноста излезе името на полковникот Драган Ковачки, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, од владејачката партија се појавија коментари дека според Уставот, Ковачки, како воено лице, не може да биде министер, со што се создава впечаток кај јавноста дека актуелната власт бега од избори.
Како аргументација за неуставноста на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, министерката за правда, Рената Дескоска, се повика на членот 97 од Уставот, па не можејќи да најдат црна дамка во кариерата на предложениот кадар актуелната власт влегува во правни толкувања и ја презема улогата на уставен судија.
Сепак, при своите коментари, Дескоска заборава дека не реагирала за истиот принцип при именувањето на заменикот на Радмила Шекеринска во министерството за одбрана, Беким Максути, кој пред да стапи на функција бил потполковник.
Претходно министер за внатрешни работи беше и Силјан Аврамовски кој дојде од редовите на МВР како и Славјанка Петровска која СДСМ ја предлага за заменик министер во МВР, а доаѓаод структурата на полицијата.
Слично беше и со Митко Чавков кој стана министер за внатрешни во мај 2015 година, а на позицијата дојде исто така од МВР.