Собранието ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе името „Република Северна Македонија“.
За Резолуцијата говореше само по еден претставник на пратеничките групи.
Пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, образложувајќи ја потребата за усвојување на Предлог-резолуцијата рече дека со целосен консензус за нејзино донесување, пратениците имаат можност да покажат силно единство, подготвеност за рационален дијалог и компромис и јасно изразена волја во насока на забрзување на европската перспектива и зацврстување на државниот и национален суверенитет на државата.
– Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато, кажа Муцунски.
Тој посочи дека со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективен интегритет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор.
– Ова се нашите црвени линии, ова е тоа преку коешто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине. Преку ова дело го поставуваме никулецот кој ќе ја воздигне нарушената гордоста на нашите граѓани, на нашата нација и држава, рече Муцунски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека за социјалдемократите е прифатлива Резолуцијата, но, со прифаќање на нивниот амандман со кој во неа се внесува името „Република Северна Македонија“, со цел таа да биде во согласност со Уставот.
– Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Обединетите нации. Нашите меѓународни позиции се јасно поставени и не знам по колку пати јавно повторени-за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Митрески.
Тој рече дека иако јавно ги кажале своите позиции дека не се преговара за македонскиот јазик и идентитет, ќе ја поддржат резолуцијата за да стават крај на лагите кои се шират за национално предавство на СДСМ.
– Втората поважна причина за којашто ја прифаќаме Резолуцијата е таа дека треба да излеземе пред граѓаните и да им кажеме да немаат никакви дилеми затоа што ние имаме јасна цел, а тоа е евроатлантскиот пат и ние ќе станеме членки на ЕУ како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, повлече Митрески.
Координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи се изјасни дека ќе ја поддржат Резолуцијата, но побара од лидерите на најголемите македонски партии да иницираат уставни измени со кои Албанците нема да бидат само процент над 20 отсто, туку државотворен народ.
– Ние како држава треба да бидеме дел од ЕУ. Ние треба да негуваме добрососедски односи. Трето, што сакам да напоменам, е дека за македонскиот идентитет, од Албанците, и од Косово и од Албанија и од овде, немало никаква пречка. Сме го поддржувале и ќе го поддржуваме правото на лично самоопределување, изјави Реџепи.
Тој праша како се случило Бугарија, која во 90-те години била многу поназад од нашата држава, сега да биде во позиција да ни стави вето. Реџепи смета дека грешката во 90-те била што се отвориле меѓуетничките конфликти, кои кулминираа со конфликтот во 2001 година. И додека во државата се занимавала со меѓуетнички конфликти, Бугарија се насочила во спроведување на реформи за приближување на ЕУ.
– Ако Албанците беа признаени како државотворен народ во 90-те, ние денес ќе ја условуваме Бугарија, а не да биде обратно, рече Реџепи.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми се изјасни дека интегративците ја поддржуваат Резолуцијата. Тој говореше за идејата за создавање на ЕУ и да не се дозволи повторување на 20 век.
– Блокадите кон една држава аспиран, не и штетат само на неа, туку и на ЕУ. Блокадата на европската интеграција на Република Северна Македонија, е блокада на целиот процес на проширување на Европската унија и без сомнеж ќе се рефлектира и кон другите членки од регионот, рече Адеми, кој нагласи дека државата заслужува да ги почне преговорите со ЕУ.
– Идентитетот, не е прашање за дискусија и преговори. Како Албанци се солидаризираме со нашите сограѓани Македонци секогаш кога тие се во позиција, во која се допира нивниот јазик, а ние најдобро знаеме што значи кога ќе ти забранат употреба на јазикот, рече Адеми.
Пратеникот од Движењето БЕСА Кастриот Реџепи се изјасни дека ја поддржува Резолуцијата, со напомена дека е еден од потписниците на амандманот за внесување во неа на уставното име.
И пратеникот од Левица Димитар Апасиев се изјасни дека ја поддржуваат Резолуцијата, која ја оцени како „бенигна“, пишувана со дипломатски манири, и напомена дека неговата партија е за по „хардкор“ варијанта.
– Овие документи кои ние ги носиме како резолуции и декларации се само симболични. Вистината е една-Македонци имало, има и ќе има, без оглед дали политичарите преговараат како ќе им се вика јазикот, државата и друго, рече Апасиев.
Според него, ветото од Бугарија доаѓа по доаѓањето на власт на Зоран Заев, односно по потпишувањето на Преспанскиот договор.
Тој смета дека државата треба да се фокусира и на алтернативи оти многу долго ќе остане во чекалната на ЕУ. (МИА)