Ламбе Алабаковски е пуштен во домашен притвор. По жалба на адвокатот мерката притвор, Судскиот совет од Битолскиот Основен суд ја преиначи во куќен притвор.
Алабаковски, како што објавува „Телма“ веќе го напушти притворското одделение и е спроведен во неговиот дом.
34 годишниот поп пејач е осомничен за подметнување на пожарот во културниот центар Ванчо Михајлов во Битола.
Апсењето на Алабаковски предизвика голем интерес во јавноста, но и бројни препукувања низ социјалните медиуми.
Вчера беше одржан протест во Битола со мотото „Слобода за Ламбе“ на кој имаше неверојатна масовност.
Драган Георгиев, адвокатот на Ламбе Алабаковски откри дека пејачот има државјанство на САД, но дека тоа не го користи во своја полза.
„Во мое присуство, Ламбе Алабаковски пред надлежните органи кажа дека е и државјанин на САД, но не се повика на него, ниту бараше да биде известена американската амбасада во Скопје. Така што немам информација дали во меѓувреме бил посетен од претставник на амбасадата“, рече тој за „Пресинг ТВ“.
Адвокатот на Алабаковски очекува притворениот да биде пуштен да се брани од слобода уште пред истекот на осумдневниот притвор.
-Јас очекувам и се надевам, а и работам на тоа. Првично одредениот рок не значи дека и ќе остане, зашто секогаш постои можност тој да биде и продолжен, а до тоа не сакаме да дојде, вели Георгиев.
Како што известивме погоре, во меѓувреме, жалбата за затворскиот притвор делумно е усвоена и Алабакоски доби мерка – куќен притвор.