Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека Владата на Република Македонија денеска усвои два стратешки и суштински закони за иднината на дигиталното општество: новиот Закон за електронски комуникации и првиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи (сајбер безбедност). Со ова се отвора ново поглавје во дигиталната трансформација на земјата и се поставуваат темелите за модерна, сигурна и транспарентна држава.

Овие два закона се дел од Реформската агенда за дигитализација и транспарентност, и се целосно усогласени со NIS 2 директивата на Европската Унија, како и со мислењето на Уставниот суд на РМ.

Закон за електронски комуникации:

• Ги јакне правата на корисниците и гарантира повисоко ниво на заштита на личните податоци;

• Воведува јасна правна рамка и транспарентност во работењето на операторите;

• Обезбедува поголема конкурентност и регулаторна сигурност;

• Ги дефинира надлежностите на Агенцијата за електронски комуникации, со фокус на отчетност и ефективен надзор.

Закон за сајбер безбедност:

• Воспоставува национален модел за управување со сајбер ризици;

• Се создаваат нови институционални капацитети:

• Национален координативен совет за сајбер безбедност

• Владин SOC – центар за одговор на сајбер инциденти

• Сектор за сајбер безбедност во рамки на Владата

• Обезбедува поддршка за јавните институции и операторите од критичната инфраструктура;

• Обврзува на ангажирање на сајбер професионалци во сите институции од критично значење.

Со донесувањето на овие два закона, Македонија прави крупен исчекор во европската интеграција и ја поставува дигиталната агенда како столб на идниот развој.

Ова е конкретен резултат од визијата за дигитална Македонија, транспарентна, сигурна и иновативна.