Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија (РКЕ) се стекна со статус набљудувач во Агенцијата за соработка на eнергетските регулатори на Европската Унија (Agency for the Cooperation of Energy Regulators – ACER).
Како што соопшти РКЕ, прифаќањето на Регулаторната комисија во Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на ЕУ доаѓа откако Секретаријатот на енергетската заедница даде позитивно мислење со кое високо ја оцени подготвеноста на РКЕ да се стекне со статусот набљудувач, пред се поради исполнување на обврските и условите коишто произлегуваат од Третиот енергетски пакет.
Секретаријатот на енергетската заедница оцени дека „РКЕ ја потврди својата подготвеност и посветеност кон воспоставување на регулаторна рамка која манифестира висок квалитет и покажа целосна независност во своето работење. РКЕ покажа подготвеност и способност да се спротивстави на потенцијалните влијанија врз независноста и ја одбрани својата автономија. РКЕ покажа највисока експертиза, стандарди и посветеност за навремено и квалитетно утврдување на регулаторната рамка согласно Законот за енергетика и воспостави напреден пазарен модел со висок степен на пазарна ориентација. Според тоа, подготовката на регулаторните акти во секторот на електричната енергија може да се смета за завршена, стои во анализата на Секретаријатот на енергетска заедница доставена до ACER.
АСЕР е тело формирано од ЕУ со мисија да им помага на националните регулаторни тела на земјите членки од Европската унија, во извршувањето на нивната регулаторна функција на европско ниво и доколку е потребно, ја координира нивната работа.
Агенцијата за соработка на Енергетските регулатори ја прифати РКЕ да и се придружи на Работната група за електрична енергија како набљудувач. РКЕ е втора договорна страна како регулатор која го постигнува овој статус по позитивното оценување од страна на Секретаријатот на Европската заедница по усогласувањето со барањата на Третиот пакет во секторот на електрична енергија и нејзината регулаторна независност како и нејзините активности во областа на животната средина, конкуренц
ијата, климатските промени и обновливите извори, стои во соопштението на Регулаторна.
– Согласноста на АЦЕР да и овозможи учество на РКЕ во нејзината Работна група за електрична енергија се смета за многу вредна награда во однос на напредокот и континуираните напори што земјата и РКЕ ги имаат направено во реформирањето на пазарот на електрична енергија и заложбите за ефикасна регулаторна независност, истакна Јанез Копач, директор на Секретаријатот на енергетската заедница.
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ и на Регулаторниот одбор на Енергетската заедница рече дека РКЕ е почестена од позитивната потврда од страна на АЦЕР.
– Можноста за учество во Работната група за електрична енергија на АЦЕР доаѓа во моментот кога С. Македонија работи кон интеграција на пазарот на електрична енергија со нејзините соседи од ЕУ. Засилувањето на соработката со нашите партнери од ЕУ и учењето од нивното искуство ќе послужат како поддршка да станеме дел од истиот внатрешен пазар на електрична енергија, истакна Бислимоски.
Дополнително, се очекува административен договор со кој експертите на РКЕ ќе можат да учествуваат во Работната група за електрична енергија на АЦЕР со што ќе се формализира статусот на набљудувач.