Утре е денот „Д“ за М-НАВ – или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје, изјави за Дојче веле , претседателот на Синдикатот на М-НАВ Александар Тасевски пред утрешната одлука на Владата, која што на седница се очекува да го каже крајниот збор околу случувањата во М-НАВ, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции.
-Оставките се логична последица на случувањата од минатата недела, кога се случи упад и физички напад во Контролата на летање, што резултираше со кривична постапка против неколку лица.Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите – вели Тасевски за ДВ.
Тој дополнува дека имаат поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени.
-Ако успееме во тоа – тогаш овој чекор ќе биде поука за секој оној којшто ќе дојде на челото на М-НАВ – вели Тасевски.
Тасевски во саботата изјави дека Контролата на летање е институција која што е од државно безбедносен карактер и во нормални земји, упадот во Контрола за летање би се сметал веројатно за тероризам.