Крушево е неисцрпна ризница. При секоја негова посета, од секое катче или поглед навираaт мисли: Ете, овде се создавала историјата!

И по 122 години од Илинденското востание, недобројни се крушевско-илинденските приказни. За подготовките на Востанието, за десетдневната Република, прва слободна територија на Балканот, за крушевската влада, црешовите топчиња, за востаниците, тајната леарница за востаниското оружје, за човечките приказни при битките на месноста Слива, на Мечкин Камен. За пожртвуваноста, вечниот копнеж за слобода, правда и на крај – за копнежот за своја државност.

Уште колку крушевско-илинденски приказни не се раскажани? Не се откриени? Историчарот при Крушевскиот музеј Зоран Богески вели: Сме чепнале само 20, најмногу 25 проценти од вечните историски моменти.

Знаеме дека Републиката создала своја Влада. Со министри. А, за да има Влада, треба да има и Собрание. Крушевската Република го имала своето Собрание. Со 60 делегати (денес пратеници). Со свој претседател, со комисии кои носеле прописи.

Претседател на Собранието, или поточно, на Советот бил Теохар Нешков. Виден, моќен, влијателен крушевчанец. Воедно бил и „министер за финансии“.

Тука Богески ги гледа корените на модерниот македонски парламент.

Првиот слободен ден на Крушевската Република, Претседателот Никола Карев, на Гумење, или поточно во училницата пред денешниот „Македониум“ повикал 15 највидни, најавторитетни граѓани на Крушево. Со нив расправал – што понатаму. И, се решава да се свика едно Собрание во Патријаршиското училиште. Денес тоа не постои, уништено е во бомбардирањето во 1903 година. (Во 1930-тите години на тоа место е изграден Монополот, во центарот на Крушево.) Тука се избираат по 20 делегати од секоја црковно-религиозна општина во Крушево. Тогаш имало три такви општински заедници: егзархиска, партијаршиска и романско-патријархиска општинска заедница. Тоа е според Османлискиот систем. Тие делегати, по говорот на Никола Карев и дадените упатства имааат дебата да ја изберат Управата на таа слободна територија, објаснува историчарот Богески.

Востаниците, а и делегатите – првите македонски пратеници, биле попрактични од денешните. Решаваат да не се избере некоја општинска администрација, туку тоа да биде некој вид федерална управа со државни карактеристики за да се претстави целта на револуционерната борба на Востанието. Тогаш, за претседател на Собранието е избран Теохар Нешков.

Бил многу моќен крушевчанец, вклучен во сите револуционерни борби и во периодот на преродбата во Крушево. Дури станал и црковен надстојник, што е голема позиција во тоа време. Бил еден од главните финансиери на организацијата во Регионот. Бил исклучително авторитетен човек, заедно со неговиот брат Матеј Нешков. За секретар на Собранието е избран Ѓорѓи Чаче.

Историчарите сѐ уште во архивите трагаат по идентификување на делегатите на, модерно кажано, пратениците на Собранието (Советот) на Крушевската Република.

– Ние, досега, од 60-те делегати на Собранието, или Советот на Крушевската Република, имаме идентификувано 14. Се надевам дека сите ќе ги идентификуваме. Од нив, имаме само пет-шест фотографии. Тоа се луѓе со авторитет и влијание во Републиката, вели историчарот Богески.

Тогашното Собрание (Советот) функционирало многу налик на денешното. Претседателот ги отворал седниците, заседавал, сите имале право на збор. Имало служби кои пуштале пристап до комисиите на Собранието. Владата и Собранието имале комисии: финансиска, за реквизиција, за санитет, носеле прописи кои ги одобрувал врховниот заповедник – Никола Карев. Биле налик на денешните пратеници, но многу поконструктивни. Тука се бараат корените на модерното македонско собрание.

– Имало дебати, но многу конструктивни и многу покултурни од денес, што е навистина изненадувачки. Ова не е само воздигнување на првата држава на Балканот. Тоа се моменти од кои и нашите денешни функционери може да научат, вели низ смеа историчарот Зоран Богески.

Судбината на првиот претседател на, воопшто, првиот „македонски парламент“, Теохар Нешков, била трагична и ужасна. Бил жив запален – и тоа од негов „борчлија“

– На 12 или 13 август 1903 година, кога веќе Крушевската Република „била во пламен“ и османлиската војска презела сѐ, обидувајќи се да се скрие од османлиската наезда, бил препознат од еден припадник на турскиот башибозук од соседните села. Тој бил должен во дуќанот на Нешков. Должникот, викајќи „Чорбаџи, сега ќе ти го вратам долгот“ го фатил, го потурил со газија и жив го запалил. Така завршил животот на овој непознат, но значаен наш деец и револуционер, објаснува Богески.

Тажна и трагична е приказната за приватниот живот на претседателот на Републиката, Никола Карев. Малку се знае, ама историчарите „копаат“. За жената која ја сакал Карев, или со која „си се бендисувале“. Станува збор за Костадинка Тасева Хаџова или Ракиџиева, учителка во крушевската гимназија пред Востанието. Приказната е испреплетена со легенди, со многу емоции.

Нејзиното потекло не може со сигурност да се утврди. Според едни, била прилепчанка, според други едниот родител бил од Прилеп, другиот од Струга, а според трети – била стружанка. Но, едно е сигурно – имале чувства еден кон друг. Била несудена свршеница на претседателот на Републиката. Ама тој немал време за „љубов“, за приватен живот. Целосно бил посветен на револуционерното движење, на создавањето историја.

– Да, имале симпатии меѓу себе. Тоа е претставено и во неколкуте филмови снимени за Крушево, но Никола немал време да посвети внимание на тој приватен момент и максимално се посветил на својата револуционерна дејност и активност. Додека биле свршени, немаме некои прецизни историски податоци. Сепак, факт е дека си се „бендисувале“, не биле рамнодушни еден спрема друг. Дури има и коресподенција од негов другар кој им ги отворал писмата, ги читал. Па, тука се оние „легендарни“ податоци дека знамето на Крушевската чета, кое денес се идентификува како знаме на Крушевската Република, е навезeно со нејзината коса. Тоа, нормално, не е точно, раскажува историчарот Богески.

Костадинка умира кратко време откако дознала дека Никола Карев загинал во 1905 година. Починала во 1907 година. Податоците се контрадикторни. Најверојатно починала во Струга и е погребана во црквата „Свети Ѓорѓија“, во строгиот центар на Струга.

– Во запис стои дека е погребана источно од олтарот на Црквата. Ние сме извршиле увид. На прв поглед, таму не се забележува гроб. Можеби гробот е уништен. А, таму има и други гробови, вели Богески.

На нераскажаните крушевско-илинденски приказни, историчарот Богески ја додава и онаа за Стојан Везенков, многу знаменит крушевчанец.

Везенков стигнал до чин мајстор – узбашија или највисок ранг на мајстор во Османлиската држава. Тој ги изградил двете касарни во Битола, изградил и мостови на реките Марица и Нишава кај Ниш. Така добил посебен статус како личност, да се облекува по турски, што секој христијанин не можел. Дури и јавно да носи оружје. Но, тој не е познат само по тоа, туку е многу позначаен по неговата дејност. Познат е и како „сесловенски агент“. Уште од 50-тите години на 19 век се вклучил во преземање, организирање мерки, дејности, комитети со клучни луѓе. Везенков бил единствениот делегат од Македонија на Цариградската конференција и на Санстефанскиот мировен договор во 1878 година. Тогаш настанале крупни политички промени на Балканот.

– Дури бил примен и од рускиот император Александар Втори кога престојувал на Крим и го запознал со состојбата на христијанското население во рамките на Империјата (Османлиска) и побарал царот да се заложи. Тие врски подоцна ги искористил да има пристап до руските конзулства во Цариград, во Солун и во Битола, особено по периодот на Кримската криза. Тогаш отворено се зафаќа за организирање револуционерни движења во Македонија. Везенков контактира со албанските и српските првенци и со разни дипломатски претставници, па, во 1878 година станува дури и единствен делегат од Македонија на Цариградската конференција и на Санстефанскиот мировен договор каде има крупни политички промени на Балканот. Неговите врски ги искористил за бројни крушевчани и членови на неговата фамилија да се школуваат на бројни универзитети. Па, дури и ден-денес, потомците во балканските земји се вклучени во повисок степен како активни чинители, објаснува историчарот Зоран Богески од Музејот во Крушево.

 

На историчарите им претстои уште многу „копање“ по архивите. И семејните на крушевчани кои, често, не знаат колку значајни факти и записи имаат од историско значење. И по архивите во Белград, Софија, Истанбул, Грција, па и во Хрватска. Дури постои своевидна „крушевска колонија“ по светот која поседува податоци.

Крушевско-илинденските неоткриени и нераскажани приказни чекаат да ја видат светлоста на денот.

Фото: МИА