Задутре е Крстовден, како што е познат меѓу народот празникот Воздвижение на чесниот крст.

Овој сведен се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло.

Некои верници на овој ден јадат само леб и грозје.

Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје . Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.