Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Одбележувањето на Бадник ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.
Од Одборот најавија дека традицијата, сепак, продолжува и покрај ситуацијата со коронавирусот, водејќи сметка за сите заштитни мерки и протоколи. Кумови за прославата на Бадник се естрадниот уметник и композитор Александар Митевски и актерот Драган Спасов Дац, а здравичар е Живко Поповски Цветин.
Ќе бидат делени бадникарски гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно.
Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници.
Семејството на Бадник се собира на заедничка посна трпеза и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Во сите храмови утрото по Бадник се служи празнична Божикна литургија.
Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Пред Соборниот храм во Скопје 30-та традиционална прослава на Бадник
Во организација на Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје денеска по 30-ти пат на платото пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе се одржи манифестацијата Бадник 2022 со почитување на сите протоколи и мерки за заштита на здравјето на граѓаните и на бадникарите.
Според најавите од организаторите, како и минатата година делењето бадникови гранчиња ќе се одвива на двата влеза во дворот на Храмот од страната на булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Климент Охридски“.
-Веднаш по осветувањето на гранчињата, подигањето на Бадникарското знаме и исполнувањето на нашата химна нешто по 10 часот кумовите Драган Спасов – Дац и Александар Митевски и здравичарот Живко Поповски – Цветин заедно со претставници на Одборот ќе престојуваат во Домот за стари лица во Злокуќани при што ќе врачат пригодни подароци на штитениците за да им ја доловат атмосферата во пресрет на големиот христијански празник Божик и заедно со сограѓаните и персоналот да ги споделат радоста и среќата што ги носи претстојниот голем празник, велат организаторите.
Посочуваат дека новите кумови и здравичарот по престојот во Злокуќани по 10:30 часот заедно со другите високи гости ќе се упатат кон Соборниот храм, каде претходно со пајтон ќе пристигнат стариот кум д-р Никола Пановски и минатогодишниот здравичар д-р Миодраг Врчаковски. Потоа во присуство на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и свештенослужители ќе се одвива чинот на предавањето на Бадникарскиот ќуп на новите кумови, по што ќе се обрати поглаварот на МПЦ и ќе се освети погачата. Целата церемноија директно ќе биде пренесувана на Првата програма на Македонското Радио.
По завршувањето на церемонијата новите кумови со ќупот заедно со здравичарот со пајтон ќе го напуштат храмот „Свети Климент Охридски“ и ќе се упатат кон своите домови поздравени од скопјани.
Бадник – предвестие за Божик
Бадник е денот пред Божик. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на Христовото раѓање.
Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста. Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.
За добрата вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот, радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка, круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е насмевка и радост, срдечност и љубов.
Тоа се богатствата што ги добиваме од децата и такво е бадничкото семејно празнување. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску до луѓето и до Бога.
Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва заедно со принос – благодарност на трпезата. Како в црква евхаристија. Таква е заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов крај своите.
И сето тоа со пости, за душа да се гости.
На Бадник завршуваат божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.
Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.
Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.
И бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но, сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.
Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!
Бадник е роденденската ноќ на Спасителот.
Христос се роди! – Вистина се роди!
(За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски)